Македонска Асоцијација за Органска Храна
Македонска Асоцијација за Органска Храна е здружение на граѓани со скратено име МАОХ чие мото е асоцијација која верува дека македонските граѓани заслужуваат безбедна и здрава храна.
Цели и задачи на организацијата се органската храна да се произведува без употреба на најголем број од конвенционалните пестициди или ѓубрива со синтетичко потекло.
МАОХ е невладина, непрофитна организација која помага за организирање на производството и пласманот на органска храна со основна цел во Република Македонија да се создададат национални стандарди за производство и пласман на храната која ќе ја носи ознаката „органска“.
Примарна задача на МАОХ е да учествува во создавањето, да предлага, или да врши анализа и критика на постоечките и новите закони и прописи за производство и пласман на органска храна.
Членовите на Асоцијацијата остваруваат и конкретни акции за истражување на можностите и педолошките услови за производство на органска храна и да ги афирмираат македонските можности за ова производство меѓу домашните производители и странски заинтересирани поединци и компании.
МАОХ организира и транспаретна контрола на производството и пласманот на органската храна и ќе организира научни истражувања и едукација за примена и употреба на т.н. обновливи материјали за производство на храна.
Асоцијацијата работи на зачувување на земјиштето од хемиски и синтетички загадувања на земјиштето и водите, обезбедувајќи квалитетни производни потенцијали за идните генерации. Целта е да се обезбеди проиводство на месо, јајца, млеко и други прехранбени производи о д животинско потекло одгледувани без употреба на антибиотици или хормони за побрз раст.
Органската храна земјоделците и овоштарите треба да ја произведуваат без употреба на конвенционалните пестициди и ѓубрива со синтетичко потекло, од материјали од пречистителни станици на отпадни води, или наводнувани од канализациски или загадени води.


Асоцијацијата преку сопствените центри за инспекција и сертификација се бори и против етикетирањето како „органска“ на храната чиј раст е поттикнуван со биоинжењеринг или јонизирачка радијација. Членови на МАОХ можат да бидат произведувачи, дистрибутери, увозници и извозници на органска храна, научни институти и институции, консултантски и други асоцијации вклучени во различни подсектори за производство на храна, пијалоци, витамини, хербални лекови, храна за спортисти и други чинители кои имаат допир со производство и консумација на органски произведена храна. МАОХ поттикнува и подржува донесување на мерки кои обезбедуваат фер регулатива за одржување на здрава животна средина и исхрана.
Извор: maof









